ИЗЈАВА во врска со средбата на премиерите на Р Македонија и Р Бугарија и најавата за потпишување на договор за добрососедство меѓу двете земји

Благоевград, 21 јуни, 2017

Заев и Борисов 1. ОМО „Илинден“ - ПИРИН секогаш и искрено поддржувала воспоставување на добрососедство меѓу Македонија и Бугарија на рамноправна, принципиелна и пријателска основа. Убедени сме дека за да биде траен и успешен еден нов договор за добрососедство освен посочените принципи тој треба да го вклучи и прашањата за македонското малцинство во Бугарија и бугарското во Македонија. Правата на овие две заедници треба да се регулираат на основа на меѓународните норми за правата на малцинствата (Рамковна конвенција за заштита правата на националните малцинства). Така малцинствата од повод за конфликти и недоверба ќе се претворат во мост за пријателство. Договорот не треба да се потпишува за сметка на малцинствата!

2. Ја поздравуваме поддршката што Р Бугарија и ја ветува на Р Македонија. Истовремено потсетуваме дека тоа е нешто што е нормално меѓу соседи, но и претставува враќање големиот пријателски гест, на безусловното зелено светло што Р Македонија и' го даде на Р Бугарија за време на нејзината кандидатура за членство во ЕУ. Во таква смисла поддршката од страна на Р Бугарија исто треба да биде безусловна.

3. Историјата на Балканот за жал постојно служи како причина за поделби и спротивставувања. Во таа насока многу добро звучи пораката на г-нот Борисов, историјата да се остави на историчарите, но за жал не гледаме тоа да се прави во Бугарија во однос на Македонија и Македонците. Уште повеќе што истата е редовен слоган на владите на Р Бугарија од времето кога диктаторот Тодор Живков го започна негирањето на македонското малцинство и нација. Низ сите овие години горниот слоган служеше само за прикривање на инспирираната и финансираната од државата кампања на негирање на македонската нација. Се надеваме дека сега има искрена желба таквата состојба да се промени и историјата навистина да се остави на историчарите.

4. Историите на сите нации на Балканот се испреплетени во една или друга степен и во таа смисла општи чествувања на поедини датуми не е по принцип лоша идеја. Меѓутоа во услови на продолжувачко отворено негирање на македонската нација и малцинство од страна на Р Бугарија општите чествувања нема да бидат од корист, а ниту ќе послужат за зближување, туку само ќе ги продлабочат поделбите. Наметнати од позиција на сила и како условување во врска со македонската интеграција во Европската унија истите нема да имаат долга иднина, а ниту некој позитивен ефект. Ако сака вистинско зближување Р Бугарија треба да започне да размислува за нова стратегија на отповикување на досегашната негаторска политика која се јавува и вистинската (да не речеме единствената) причина за недоразбирањата меѓу двете држави.

Сметаме дека ако напорите за започнување на заеднички чествувања се искрени, а не нов начин на негирање на македонскиот идентитет од страна на Р Бугарија, тогаш Р Бугарија треба да побара исти такви општи чествувања со останатите свои соседи, а не само со Македонија. Исто така мислиме дека доколку некоја македонска влада се види принудена, поради една или друга причина, да прифати такви чествувања со Бугарија, тогаш таа треба задолжително да го балансира неправилниот впечаток што со нив сака да се испорача, преку вклучување во заедничките прослави и други земји, или преку организирање на такви заеднички прослави и со други соседи. Ако бугарскиот премиер учествува на прославата на Крушево тогаш таму би требало да биде и турскиот.

5. Иако ја разбираме желбата да се испраќаат „позитивни сигнали“ спрема соседите од страна на владата во Р Македонија и се трудиме во таква смисла да ги интерпретираме изјавите за „заедничка историја“, сакаме да обратиме внимание, дека тие не се примаат во таква смисла, туку поскоро служат како охрабрување на најкрајните антимакедонски кругови во македонското соседство и само ќе ги зголемат апетитите за барање уште повеќе отстапки од Македонија, а со тоа и спротивно на очекувањата на македонската влада ќе го отежнат процесот на евроинтеграција на земјата.

ПРЕДСЕДАТЕЛСТВО НА ОМО „ИЛИНДЕН“ - ПИРИН


Back to previous page Back to top
Main About Us News Activities Documents Photo Gallery Media Contact Links
� 1999-2021 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.