Main
About Us
News
Activities
Documents
Photo Gallery
Media
Contact
Links
Соопштение за медиумите
ПОЗИЦИЈА ВО ВРСКА СО ДОГОВОРОТ ЗА ДОБРОСОСЕТСТВО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И БУГАРИЈА
1 август, 2017
Read this page in English
Република Македонија и Република Бугарија (нарекувани во понатамошниот текст заеднички „Договорни страни“),
Изразувајќи ја својата принципиелна поддршка за добрососедството, унапредувањето на односите, евроинтеграцијата на Македонија, ние не можеме а да не ја осудиме содржината на овој договор кој позади сите убави фрази е реално насочен против горенаведените вредности.
- Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија е нерамноправен, ги задоволува повеќе бугарските националистички аспирации отколку македонските национални интереси. Тој ги поставува под прашање сувереноста на Р Македонија и слободите на делови од нејзините граѓани и го урива нејзиниот авторитет како независна и полноправна држава. Добрососедство може да се гради само на рамноправна основа и со добра волја, а не преку уцена, понижување и злоупотреба на позицијата.
- Со овој договор Република Македонија направи уште еден чекор кон откажување од македонското малцинство во Бугарија. Поранешното декларативно откажување сега станува дел и од договор за „добрососедство“. Тоа е логичен срамен исчекор по 25 годишното нарушување на Уставот од страна на владите на Р Македонија, кои целосно и доследно ја запоставуваа својата уставна обврска да се грижат за македонските малцинства во соседните земји и особено во Бугарија и Грција. Поради оваа причина договорот е и антиуставен!
- Со овој договор Македонија, според бугарското разбирање на работите, се обврзува дека не само што нема да се застапува за македонското малцинство и да ги поддржува неговите организации во Бугарија (чл. 11, 5), нешто што таа реално и го нема правено досега, но исто така дека нема да дозволи било какви дејствија на таквите организации на своја територија, ниту дејствија на свои граѓани на македонска територија, кои би ги подржале таквите организации (чл. 11, 2), а ниту медиумско покривање на дејноста и проблемите на македонските организации и малцинство во Бугарија (чл. 11, 6).
- Создава механизми преку кои Бугарија да ја условува и уценува Македонија во процесот на нејзината евроинтеграција (чл. 8 и чл. 12). Се создаваат можности Бугарија да бара интервенција во независноста на научните истражувања и слободите на медиумите и да наметнува редефинирање на поими како говор на омраза во смисла на секој став кој ја поддржува македонската национална посебност. Дека имено таква е и намерата на Бугарија, сведочат изјавите на нејзините официјални лица дека договорот претставува само прв чекор, а не финално решение, како што наивно се обидуваат да го протолкуваат некои наивни политичари во Скопје.
- Користената терминологија: „двете држави и нивните народи“, „македонски јазик, согласно Уставот на Република Македонија“, „општа историја“ ја релативизира македонската нација. Македонија и Бугарија имаат општи моменти во историјата а не општа историја и се две посебни нации, со свои посебни јазици, култури и истории. Било какви општи прослави во услови на отворено негирање на македонската нација и идентитет од бугарска страна, ќе служат за задоволување на таквите негаторски ставови, а не за надминување на недоразбирањата.
- Со договорот се врши неприфатливо мешање на политиката во историјата – се формираат политички тела кои ќе толкуваат историја и ќе реферираат пред владите. Напоменуваме дека историјата е наука и дека е недозволиво било какво мешање на политичарите во неа. Ова е само уште еден инструмент за уцена преку кој Бугарија ќе настојува да го претвори прифаќањето на бугарското толкување на историјата во Македонија како услов за добивање на европско членство и сето тоа под превезот на „добрососедството“.
- Поради сето тоа сметаме дека договорот е неприфатлив, навредлив за Македонија и македонскиот народ, непринципиелен, срамен за двете држави и дека спротивно на очекувањата на потписниците тој нема да допринесе за добрососедството, а само ќе ја зголеми недовербата и ќе создаде вистинска омраза против Бугарија на местото на имагинарната таква од која сега се жали Софија.
- Ниту македонското малцинство во Бугарија, ниту македонската дијаспора, а уверени сме ниту македонската нација генерално, не се чувствуваат на било кој начин обврзани со нерамноправните клаузули во овој договор, ќе дадат отпор на секој обид да им се ускратат човековите слободи и ќе ја продолжат својата борба за достоинство права и правда и против секој обид истата да се спречи било да доаѓа тој од Софија, било од Скопје.
28.07.2017 г.
ОМО „Илинден“ - ПИРИН
Македонско меѓународно движење за човекови права
Австралиско – македонски комитет за човекови права
Македонска алијанса за европска интеграција
Main
•
About Us
•
News
•
Activities
•
Documents
•
Photo Gallery
•
Media
•
Contact
•
Links
� 1999-2021 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.