Утрински Весник - Македонски пасоши

10 декември, 2001
Додека Софија на македонски граѓани преку ноќ им дели бугарски патни исправи Македонците од Бугарија не можат да добијат македонски пасоши

ВИКТОР ЦВЕТАНОСКИ

Само неколку македонски пасоши се издадени на Македонци од Бугарија, иако многумина од нив настојуваат да дојдат до македонски патни исправи.
Сите нивни молби, доставени во македонската амбасада во Софија или во надлежните служби во Скопје, стојат во нечии фиоки, без никакво образложение, без никаков одговор.

Приказната на еден Македонец од Пиринска Македонија, кој десетина година настојува да добие македонско државјанство, најдобро ја илустрира несфатливата политика и негрижата на македонската држава спрема овие луѓе кои жртвуваат се само за да го зачуваат својот македонски идентитет. Од разбирливи причини, тој не сака да го кажеме неговото име, бидејќи, сепак се надева дека македонските власти ќе сфатат и ќе ја разберат желбата на овие луѓе на кои им е потребна поддршка од државата која ја сметаат за своја втора татковина.

Молба за пасош првпат поднел во 1993 година. По шест месеци му било кажано дека е одбиен поради тоа што, наводно, немал комплетни документи. Но, тоа не го обесхрабрило. Во 1998 година повторно поднел друга молба со сите документи. По една година му пристигнало решение дека е одбиен, бидејќи не ги исполнувал условите од член 11 од Законот за државјанство, според кој странец може да стане македонски државјанин ако има македонско потекло.

За да го докаже своето македонско потекло, поднел посмртница од неговиот дедо од која можело да се види дека во неа тој по националност бил Македонец. Мислејќи дека тоа не е доволно, доставил и фотокопија од книгата на родените на неговата мајка од 1950 година од кое можело да се види дека целото нејзиното семејство тогаш било запишано како македонско. Тоа што подоцна бугарските власти со декрет ги прецртаа Македонците и ги запишаа како Бугари е друга приказна.

- Не можам да го сфатам односот на македонската држава спрема своите луѓе надвор од границата кои се подложени на денационализација, посебно во Бугарија. Дотолку повеќе што Софија на сите македонски граѓани што ќе посакаат бугарски пасош им го обезбедува преку ноќ. Бугарските власти не измислуваат разни приказни како македонските, за да не им излезат во пресрет на заинтересираните. Напротив, таа ги стимулира, ни раскажува тој, очигледно разочаран од македонските власти.

Тој вели дека секој од Македонија што ќе посака да обезбеди документ за тоа дека има бугарско потекло, доволно било да отиде во Агенцијата за Бугарите во странство и оттаму веднаш му се издавало потврда. Доволно било да го каже само своето име и ако тоа припаѓа на групата бугарски имиња, службеникот констатира дека имал бугарски корен. А ако има муслиманско име треба да го каже местото од каде што доаѓа, и ако тоа се наоѓало на териториите за кои тие сметале дека некогаш биле бугарски, исто така, добива документ за наводно бугарско потекло. Само во годинава што изминува биле издадени над 1.000 пасоши на македонски граѓани.

Лидерот на ОМО „Илинден“ - ПИРИН, Иван Сингартиски, ни објаснува дека по прогласувањето на независноста на македонската држава, Македонците од Пиринска Македонија покажале големо интересирање за нејзини пасоши. Многумина од нив побрзале и поднеле документи во амбасадата во Софија, со надеж дека брзо ќе ги добијат. Лидерот на партијата на Македонците не знае да посочи колкав бил точниот број, но вели дека лично познава околу дваесетмина.

- Тоа се, главно, постари луѓе кои, и покрај сите притисоци што врз нив беа вршени од бугарските власти да се откажат од својата националност, останаа Македонци, ни објаснува Сингартиски. Македонски пасоши побараа не поради тоа што сакаа да се преселат во Македонија, како што подоцна некои претставници на македонските власти шпекулираа, туку за нив тоа претставуваше извесна сатисфакција за борбата што ја водат за зачувување на македонскиот национален идентитет. Беа горди што доживеаја да се формира самостојна македонска држава за којашто се бореле нивните дедовци и прадедовци, па сакаа од неа да добијат некаков документ. Не планираа, ниту пак имаа каде да отидат. Тука, во Бугарија, им е се што имаат, нивните куќи, нивните семејства. Тука ја гледаат својата иднина, тука каде што им се родните места сакаат да умрат. Ние, Македонците, овде во Бугарија сме потребни, а не во Македонија. Затоа никој од нас не може да го разбере и да го сфати односот на власти во Скопје спрема нас, кои, како што се гледа, не не сметаат за свои.

Претседателот на ОМО „Илинден“ - ПИРИН објаснува дека големото интересирање за македонски пасоши што се јавило пред 7-8 години по извесно време спласнал, бидејќи практично никој не добил македонски патен документ, ниту пак објаснување зошто е одбиено неговото барање. Неговата ќерка е четири години во Македонија, каде што е омажена за Македонец, но и таа не може да добие македонско државјанство. Мора да се враќа во Бугарија и во амбасадата во Софија да бара виза за привремен престој, да плаќа по 30 долари, за да може да биде со својот сопруг и дете во Скопје.

Според законот, македонско државјанство може да се доби со раѓање, натурализација, македонско потекло и ако државата има посебен интерес од човекот на кого му го дава државјанството. Досега ниту еден Македонец од Бугарија не добил пасош поради своето македонско потекло, а на тие неколкумина, на кои позитивно им е решено барањето, еден од родителите има македонско државјанство.

За тоа дека македонските власти намерно не сакаат да им дадат македонски пасоши на Македонците во Бугарија, зборува и фактот што процедурата се влече толку многу, така што и најупорните се откажуваат од својата желба. На пример, на барања поднесени во периодот од 1994 до 1996 година дури сега се испраќале информации со кои им се бара да испратат дополнителни документи. Била формирана посебна комисија од претставници на неколку министерства, за внатрешни и за надворешни работи и за правда, но дали сите тие барања пристигнуваат до неа и каде заглавуваат, официјално никој не сака да каже.


       
Main About Us News Activities Documents Photo Gallery Media Contact Links
� 1999-2021 OMO "Ilinden" - PIRIN, All Rights Reserved.